Македонските граѓани кои сакаат да имаат енергетски ефикасни домови и да штедат струја и пари и годинава ќе можат од државата да добијат субвенција од 300 евра доколку вградат сончеви колектори. Државата од буџетот за оваа намена одвои 6 милиони денари, а Министерството за економија веќе го објави тендерот на кој граѓаните до 31 мај годинава ќе можат да аплицираат за поврат на дел од средствата кои ги инвестирале во сончеви колекторски системи. Како што велат од ресорното министерство тоа е до 30% од вредноста на инвестицијата, односно не повеќе од 300 евра од трошоците за нивна набавка и вградување на системите со чија помош ќе ја користат сончевата енергија ќе ги затоплуваат домовите и ќе имаат топла вода.
Македонските граѓани кои сакаат да имаат енергетски ефикасни домови и да штедат струја и пари и годинава ќе можат од државата да добијат субвенција од 300 евра доколку вградат сончеви колектори.
Државата од буџетот за оваа намена одвои 6 милиони денари, а Министерството за економија веќе го објави тендерот на кој граѓаните до 31 мај годинава ќе можат да аплицираат за поврат на дел од средствата кои ги инвестирале во сончеви колекторски системи.
Како што велат од ресорното министерство тоа е до 30% од вредноста на инвестицијата, односно не повеќе од 300 евра од трошоците за нивна набавка и вградување на системите со чија помош ќе ја користат сончевата енергија ќе ги затоплуваат домовите и ќе имаат топла вода.
- На огласот можат да учествуваат сите домаќинства што досега не добиле поврат на финансиски средства по оваа основа во периодот од 2007 до 2013 година-информираат од Министерството за економија и дополнуваат дека јавното извлекување на лицата што ќе се стекнат со право на надоместок ќе се одржи на 7 јуни во спортската сала "Борис Трајковски".
Според процедурата граѓаните ќе треба да достават барање за искористување на правото на надоместок, заедно со фискална сметка или фактура со извод од деловна банка по денот на објавувањето на огласот. По извлекувањето на барателите на надоместок, министерство ќе испита дали добитниците ги исполнуваат критериумите за искористување на субвенцијата. За да биде постапката транспарентна ќе бидат формирани пет комисии која ќе ги проверува документите дали се во согласност со јавниот оглас.
Проектот за покривање на дел од финансиските средства вложени во сончевите колектори во домовите започна во 2007 година. Од тогаш континуирано расте интересот на македонските граѓани за поставување на сончеви колектори, бидејќи со воведување соларен термален колектор во домот едно домаќинство годишно заштедува околу 2.400 киловат-часови електрична енергија или околу 10.000 денари. Како што министерот за економија Ваљон Сараќини во неколку наврати укажа, доколку сите домаќинства во земјава, околу 600.000, инсталираат соларен термален колектор во својот дом, годишно ќе се заштедат 144.000 киловат-часови струја, а тоа во пари е 5 милијарди и 40 милиони денари
Досега државата субвенционираше 2.251 домаќинства, односно во 2007 и 2009 година по 500 домаќинства, во 2011 година 420 домаќинства, во 2012 година 481 домаќинство и лани 350. Лани на јавниот оглас се јавија 3.200 граѓани кои што одлучиле да штедат струја и пари.
Од Министерството за економија најавуваат дека во следниот период во соработка со другите релевантни институции ќе разгледува и други мерки со кои ќе се обезбеди поддршка за граѓаните за примена на мерки за енергетска ефикасност. Дел од овие мерки ќе биде и набавката на ефикасни печки за затоплување во домаќинствата.